April 15, 2021 09:17
Македонија

Митрески: Мнозинството денеска е тука, си ги завршуваме работите онака како што се по хронолошки редослед

Точно е дека речиси три недели нема пленарна седница на Собранието, но за овој период на координациите беше договорено дека се дава на комисиите да ги завршат своите работи за да може пленумот да работи и да одлучува. Мнозинството денеска е тука, си ги завршуваме работите онака како што се по хронолошки редослед и очекуваме дека во наредните денови ќе продолжат и нови седници на Собранието, порача денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

Нагласи дека денеска се работи за седници кои првично биле закажани на 16 октомври, 11 ноември на кои, како што рече, се закони кои се битни за граѓаните и за функционирањето на државата поврзани со енергетска ефикасност, модернизација во образованието, новиот автобуски превоз во Скопје,…

-Оние кои обвинуваат дека Собранието не функционира, посебно опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, треба прво да се запрашаат зошто не ги закажуваат комисиите во кои имаат претседатели каде на дневен ред се овие точки и зошто редовно не работаат за да може да се створат услови да работи пленумот, рече Митрески на прес-конференција во Собранието.

Нагласи дека пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива треба да одговорат зошто не ги закажуваат и кочат комисиите, а за функционирањето на мнозинството, рече дека „кој последен се смее тој најслатко се смее”.

-Денеска имаме продолжение на четири седници за кои се створени услови за да продолжат работа. Тоа значи дека закажаните работни тела и комисиите ја завршиле својата работа и може да продолжат пленарните седници, односно да се отвори дебата по нив, рече Митрески.