Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески во обраќањето пред пратениците рече дека во изминативе два дена се изнаслушал политички фолклор од опозицијата.
-Ниту во минатото очекував, ниту денес дека целосно или делумно ќе се согласиме. Може да имаме различни мислења но во одредени прашања се претера со политички фолклор. Политички фолклор е професорке (ѝ се обраќа на Гордана Силјановска Давкова) кога се оценува легитимитетот на Ковачевски оти не излегол на избори. Тоа го нема никаде во светот. Од таква „голема“ логика, можам да кажам дека вашето барање за брзи избори е неспособноста на вашите градоначалници да испорачаат резултати како градоначалничката на Скопје која освен што и паднала паричката за Бадник никакви резултати не видовме. По таа логика ако победиле грдаоначалниците зошто вие седите во пратенички клупи, тие нека гласаат и нека носат закони – рече Митрески.
Тој додаде дека факт е според Уставот и законите дека на локални избори се избираат градоначалници, а на парламентарни избори пратеници.
-Избрани сме за пратеници и имаме легитимитет. Имаме ново мнозинство и тоа вечерва ќе изгласа нова влада. Граѓаните јасно кажуваат дека мора подобро и дека мора поефикасно да се испорачуваат резулати, особено во ек на корона кризата, на енергетската криза – рече Митрески.
Тој порача дека никој никогаш нема да преговара за македонскиот јазик и нема да ги премине црвените линии во преговорите со Бугарија.