December 1, 2021 13:42
Свет

Министрите за трговија на Г-20 ветија праведна распределба на вакцините против Ковид-19

Министрите за трговија на Г-20 вчера се обврзаа дека ќе промовираат „праведна распределба” на вакцините против Ковид-19, особено со укинување на „ограничувањата за извоз”, и ќе работат на „мултилатерален и транспарентен систем на тргување”.

Нивната заклучна декларација, усвоена по состанокот во Соренте, во јужниот дел на Италија, е знак за „започнување на мултилатерализмот”, увери италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо, чија земја претседава со Г-20.

– Треба да обезбедиме поголема циркулација на вакцини и фабрики за нивно производство во земјите во развој, истакна францускиот министер за надворешна трговија Франк Ристер за време на состанокот.

Повеќе од шест милијарди дози вакцини против Ковид-19 се произведени во светот, но само 1,4 проценти од жителите на земји со ниски примања се вакцинирани, наспроти 58 проценти од богатите земји, изјави на почетокот на октомври генералната директорка на Светската трговска организација (СТО), Нгози Окоњо-Ивеала.
Приближувајќи се до 12. министерска конференција на СТО закажана од 30 ноември до 3 декември во Женева, таа ги повика членовите на организацијата да договорат „силен одговор на пандемијата” и да ги постават основите за „поправедна распределба” на вакцините.