October 3, 2022 16:51
Македонија

Министерот Милевски поднесе оставка, владините партнери сметаат дека нема потреба од реконструкција на Владата

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски вчера достави оставка на министерската функција до Владата и се очекува неговата партија ЛДП до крајот на неделава да предложи нов кандидат за оваа позиција, кој според најавите нема да биде од редовите на пратениците на либерал демократите. Уште по најавите за оставката на Милевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека не е исклучено да следи реконструкција на Владата, но дел од владините партнери ја отфрлија таквата можност, нагласувајќи дека нема потреба од промени во владиниот Кабинет, туку само замена на испразнетото министерско место.

По доставената оставка на Милевски таа треба да биде разгледана од Владата, а потоа и да биде констатирана на седница на Собранието. Доколку оставката на Милевски биде испратена до Собранието пред новата 86. Седница закажана за утре, таа би можела да биде констатирана уште на ова парламентарно заседание.

Официјално нема информација кој ќе го наследи Милевски, а како што тој самиот најави во понеделникот во изјава за МИА, ЛДП ќе предложи друга личност за министер за локална самоуправа, која нема да биде од редовите на актуелните пратеници.

Милевски во изјавата додаде дека се повлекува од лични причини, а на чело на ЛДП ќе остане до редовниот партиски конгрес во декември, кога треба да биде избрано ново раководство на либерал демократите.

Како еден од можните наследници на Милевски на лидерската функција во ЛДП се споменува актуелната партиска потпретседателка и пратеничка Моника Зајкова, која изјави дека доколку ја добие потребната поддршка од партиските тела, ќе и биде чест да ја извршува функцијата претседател на партијата.

Реагирајќи на најавата за оставката на Милевски од министерската функција, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и членка на партискиот Извршен комитет, Дафина Стојаноска, изјави дека по ова нема да претставува изненадување ако дојде до евентуалната реконструкција на Владата.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, Стојановска додаде дека реконструкцијата нема да биде решение за актуелната криза и дека „единствен спас” е Владата да предложи „да се оди на предвремени парламентарни избори”.

Од друга страна првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, кој е еден од функционерите на ДУИ, изјави дека по оставката на Милевски не е планирана никаква владина реконструкција.

– До овој момент додека сум во студио, не сум запознаен дека ќе има некаква реконструкција на Владата, освен оставката на Горан Милевски. Немало разговори во Владата за такво нешто. Нема планирани промени, не само во Владата, туку ни на директорските места, изјави Груби во понеделникот при гостувањето во емисијата „Клик плус” на ТВ21.

И од партијата Алтернатива оценија дека Владата функционира нормално и оти нема причина за некаква реконструкција по оставката на Милевски. Реакцијата на партијата уследи по информациите во дел од медиумите дека по оставката на министерот за локална самоуправа „ќе има мини реконструкција на Владата со која ќе бидат опфатени и министрите за здравство и за информатичко општество и администрација”, кои доаѓаат од редовите на Алтернатива.

– Сега засега Владата функционира нормално и нема причина за никаква реконструкција. Нашите министри Беким Сали и Адмирим Алити се едни од најуспешните кадри, не само на Алтернатива, туку и во целата Влада воопшто. Затоа, не гледаме причина за отворањето на вакви непотребни теми, оцени Алтернатива.