August 14, 2022 08:09
Македонија

Министерката Шахпаска на Меѓународна конференција за демографска отпорност во Софија

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ќе ја предводи македонската делегација на дводневната Меѓународна министерска конференција за демографската отпорност во услови на големи демографски промени, што ќе се одржи во Софија.

Покрај Шахпаска, дел од македонската делегација ќе биде и Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика и Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство.

Како што информира прес-службата на МТСП, на конференцијата насловена „Обликување на европската демографска иднина”, Шахпаска ќе говори за родовата еднаквост, како и за креирање и имплементирање на родово одговорни политики како клучен елемент во развојот на сеопфатен одговор на демографските промени.

Министерката ќе оствари средба со бугарскиот вицепремиер за економски и социјални политики и министер за труд и социјална политика, Галаб Донев, како и со извршната директорка на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), Наталија Канем и со Алана Армитаж, директорка на регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Конференцијата е во организација на бугарската Влада и Фондот за население на Обединетите нации.