Широкиот спектар на материјални показатели содржан во фондот на браќата Манаки, а во сопственост на Архивот, претставува солидна основа за да се пристапи кон нивно содветно вреднување, презентација и промоција во согласност со актуелната правна регулатива, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при денешната работна посета на Архивот на Северна Македонија, Подрачно одделение во Битола.
Министерката Костадиновска-Стојчевска, придружувана од директорот на Државниот архив на Северна Македонија Емил Крстески и директорот на Кинотеката Владо Ангелов, во рамките на посетата на Подрачното одделение во Битола се запозна со Фондот 580: „Браќа Манаки – Битола 1853 – 1964″, за кој во согласност со Законот за архивско работење и Законот за заштита на културното наследство, како прва фаза, неопходно е да биде изработен елаборат за негова валоризација.
-Содржината на фондот претставува солидна основа за тој елаборат, со акт за валоризација, да биде прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, односно национално богатство, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека фондот депониран во оваа установа содржи материјални показатели кои се од непроценливо значење за филмскиот опус и приватните аспекти од животот на доајените на филмската уметност на Балканoт.