November 29, 2022 04:42
Македонија

Милошоски итно да закаже седница на Комисијата за ратификација на договорите од Отворен Балкан

Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,

Претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонио Милошоски итно да закаже седница на комисијата и на дневен ред да ги стави законите за ратификација на договорите кои произлегуваат од регионалната иницијатива Отворен Балкан.

Станува збор за договори со чија ратификација граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија ќе добијат можност да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци.

Овие договори ќе овозможат нови работни места, пополнувања на недостигот од кадри во приватниот сектор во секоја од трите држави.

Ова е од огромна помош за фирмите кои имаат свои претставништва во  трите држави, за полесно да отвораат нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа.

Станува збор за регионална конкурентност на пазарот на трудот која со сигурност ќе придонесе кон покачување на платите, а истовремено ќе овозможи младите од трите држави полесно да можат да започнат заеднички бизниси.

Институциите на Северна Македонија, Србија и Албанија ги завршија сите подготовки за либерализирање на пазарот на трудот.

Сите решенија се подготвени за да започне издавањето на Идентификацискиот број за граѓаните на Отворен Балкан, кој е неопходен технички предуслов за слободно движење на пазарот на трудот во сите три држави, без издавање работни дозволи.

Но, овој проект, за жал се уште не може да почне бидејќи меѓународните договори со кои се уредува оваа материја не се ратификувани, а не се ратификувани затоа што Милошоски упорно не закажува седница на Комисијата, каде тие ќе бидат на дневен ред.

Станува за збор за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, но и за Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан.

Исто така, не е ратификуван и Договорот за соработка во областа на ветерина, безбедност на храна, храна за исхрана на животни и фитосанитарна политика.

Одлагањето на ратификацијата на овие договори е на штета на државата, на штета на граѓаните.

Како пратеници, имаме обврска да им служиме на граѓаните и затоа, уште еднаш го повикуваме Милошоски да закаже седница на Комисијата за надворешни работи, конкретните договори да бидат изгласани, за граѓаните што поскоро ги почувствуваат придобивките од нив.

Во спротивно, Милошоски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ќе се потврдат како кочничари на напредокот и развојот на државата.