October 6, 2022 13:20
Спорт

Милевски: На Велковски му е најтешко, ја има нашата поддршка

По натпреварот во Тбилиси, кој македонската фудбалска репрезентација го загуби од домаќинот Грузија(2:0) и теоретски отпадна од трката за првото место во групата од Ц-дивизијата во Лигата на нации, селектор Благоја Милевски потенцираше дека поразот е епилог на грешки кои ги направија неговите избраници.

– И честитам на Грузија за првото место и пласманот во баражот за Европско. Но, јас морам да бидам горд на момците како одиграа, иако загубивме на ист начин – на наши грешки. Грешките се составен дел од фудбалот и спортот, но секој треба индивидуално да работи на психолошката подготовка пред да дојде на собир на репрезентацијата. Вечерва заслуживме многу повеќе за разлика од Скопје кога одигравме добро едно полувреме. Мора да сме сконцентрирани во самата завршница и многу поконкретни. Денеска 90 минути бевме доминантни, рече Милевски.

Запрашан да ги коментира киксовите на македонските репрезентативци кои домаќинот Грузија ги казни, селекторот возврати:

-Дарко Велковски е одличен играч. Него му е најтешко во моментов, но ја има мојата поддршка и поддршката од момците. Го гледам изданието на тимот. А, тимот одигра одлично, и уште еднаш ќе повторам дека поразот е незаслужен. Ако во Скопје одигравме добро само едно полувреме, тука сметам дека доминиравме во текот на целиот меч, но на крајот, за жал, недостасуваше реализацијата и ефикасноста, изјави македонскиот селекторот.