December 5, 2021 01:46
Спорт

Милан и „даде“ предност на Верона од два гола, па на крајот ја совлада за времено да го запоседне врвот

Милан е лидер во италијанската фудбалска Серија А по некомплетното 8. коло, во кое на „Сан Сиро“ и даде предност на Верона од два гола за на крајот да ја совлада со 3:2. Головите на Капрари и Барак со кои Верона поведе по првите 45 минути беа сериозен предизвик за „росонерите“, кои во вториот дел се растрчаа и стигнаа до пресврт, кој беше трет на денешните одиграни средби во калчолигашката конкуренција по оној на Специја-Салернитана и на дербито меѓу Лацио и Интер.

По трите извршени замени на Пиоли, Милан намали со голот на Жиру во 59-та минута, што се покажа како најава за целосен пресврт кој следеше во продолжение. Кеси израмни од пенал на 2:2, а по влегувањето на Златан Ибрахимовиќ кој ја залечи повредата, урнебесен автогол си постигна дефанзивецот Гинтер. Германецот со турско потекло реагираше катастрофално и на комичен начин си ја смести топката во својот гол, со што предизвика ерупција од радост на „Сан Сиро“.

Милан така се искачи на врвот и ќе чека расплет од утрешниот меч меѓу Наполи и Торино дали ќе остане подолго на лидерската позиција.