January 16, 2021 07:37
Македонија

Миланов по пет часа чекање за “Титаник”: Во холот имаше двајца со температура, сите сме под ризик

Судијата Осман Шабани ги остави обвинетите, адвокатите и обвинителката во „Титаник“, пет часа да чекаат започнување на рочиштето пред судницата во Кривичниот суд. Сите странки во постапката беа присутни за да се одржи рочиштето, но пред крајот на работното време на судот, судијата одлучи судењето да го одложи за утре. За одложувањето на рочиштето, странките во постапката беа известени од вработена во судот.

Адвокатот Еленко Миланов за „А1он“ чекањето пет часа пред судницата број 1 во Кривичниот суд е загрозување на нивното здравје, бидејќи најмалку двајца од обвинетите имале покачена телесна температура изминатите два дена, но поради страв дека ќе им бидат изречени други мерки за обезбедување присуство дошле на судењето и не останале во изолација.

„Не знам зошто е донесена одлука за одложување. Прво не можеше да започне бидејќи Миле Јанакиески беше на друго рочиште. Пред сала број еден, во холот, имаше 50 лица. Меѓу нив најмалку две лица кои беа со покачена температура изминативе два дена. Тие се плашеле да не и бидат изречени други мерки, па затоа се јавиле во судот. Во однос на негативниот резултат на Миле Јанакиески, тоа не значи дека тој не може да биде преносител на вирусот. Затоа и се дава тоа решение за изолација. Сите се под ризик, не дај Боже да излезе кластер од судот, тек тогаш ќе биде ужас и хаос, ќе бидеме и гласни и вулгарни“, вели Миланов за „А1он“.

Судењето за „Титаник“ продолжува утре, а рочиште ќе се одржи и за случајот „ТНТ“ каде ќе треба да сведочи Фијат Цановски. Адвокатот Миланов вели дека Јанакиески не одлучува дали утре ќе присуствува на рочиштето: „Ако го донесат ќе присуствува, но во тој случај, тој не може да одговара за тоа што не се почитува решението за самоизолација, а тоа треба да го регулира Државниот здравствен и санитарен инспекторат“.