December 9, 2022 14:07
Македонија

МЖСПП: Усвоен предлог-законот за Студенчишко Блато, се исполнува препораката на УНЕСКО

Владата на Република Северна Македонија на денешната 85-та седница го усвои Нацртот на Законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа, по што истиот ќе се достави до Собранието на понатамошно постапување, информира Министерството за животна средина и просторно планирање. 

-Донесувањето на овој Закон, освен што значи исполнување на препораката на УНЕСКО, ќе овозможи зачувување на природната состојба на локалитетот преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите, се вели во соопштението од Министерство.

На истата Седница, како што соопшти МЖСПП, Владата донесе и Одлука  за прифатливоста на предлогот за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природа, по што ќе се пристапи кон изработка на Нацрт Законот.

Предлогот за прогласување на ова подрачје за заштитено, како што се наведува во соопштението е поткрепен со Студија за валоризација на Белчишко Блато-Парк на природата изработена во согласност со Законот за заштита на природата и е основа за подготовка на Предлог Закон за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје.