December 5, 2022 10:04
Балкан

Меѓу лицата кои се под истрага за лажни ковид сертификати во Хрватска е и пејачот Цетински

Во најновата акција на УСКОК во средата наутро, уапсени се 12 лица, предводени од поранешната медицинска сестра од Домот на здравје Загреб – Запад, Петра Румиха (32), поради, како што пренесуваат хрватските медиуми, набавување лажни ковид сертификати. Бројот на лицата пријавени од полицијата дека со помош на Румиха и други посредници набавиле потврди е многу поголем.

Според информациите до кои дошол „Јутарњи“, станува збор за најмалку 200 лица. Имено, загрепското општинско државно обвинителство, кое во ноември минатата година ја покрена првата истрага против Румиха за тргување со лажни потврди за ковид, тогаш ја обвини само за 18 случаи.

Кривичното дело за кое е осомничена Румиха е злоупотреба на положбата и овластувањето, а како такво е оквалификувано бидејќи Румиха како лице овластено да влезе во информатичкиот систем на вакцинирани лица е обвинета за злоупотреба на тоа овластување, како и дека во системот внесувала лица кои не биле вакцинирани – тогаш тие луѓе би добиле потврда за ковид врз основа на такви фалсификувани податоци.

Меѓу имињата на лицата чии имиња Румиха ги внела во системот во инкриминираното време, како што неофицијално дознаваат хрватските медиуми, се наоѓа и името на пејачот Тони Цетински (53), кој по избивањето на пандемијата на коронавирусот во повеќе наврати ги искажуваше своите антиваксерски ставови.

Цетински, кој во својата долга кариера како поп пејач беше и повеќекратен добитник на бројни награди, на почетокот на епидемијата на коронавирусот и особено по воведувањето на карантинот и режимот за издавање ковид-потврди, се позиционираше како една од најистакнатите јавни личности кои тие мерки ги оспоруваа.