April 15, 2021 10:12
Балкан

Мета бара продолжување на важноста на личните документи за да можат граѓаните да гласаат

Албанскиот претседател Илир Мета бара од владејачкото мнозинството да ја продолжи важноста на документите за идентификација (пасоши и лични карти) до 30 април со цел да се гарантира уставното право на глас за сите граѓани со право на глас на изборите на 25 април.

Во писмото упатено до премиерот Еди Рама, собранскиот спикер Грамоз Ручи и министерот за внатрешни работи, Бленди Чучи, Мета наведува дека има околу 800.000 граѓани со право на глас, кои ризикуваат да не учествуваат на изборите на 25 април 2021 година, бидејќи важноста на документот за нивно идентификување е истечена или истекува до денот на изборите.

– Повикувајќи се на бројот на гласачи (1.613.960 гласачи) кои учествувале и гласале на парламентарните избори во 2017 година, излегува дека бројката од 800.000 граѓани чија важност на документот за идентификација истекува е колку половина од учесниците на претходните избори, што е многу вознемирувачки факт. Продолжувањето на валидноста на документите за идентификација за период до 30 април 2021 година е прифатливо решение и неопходна мерка во сегашните околности, што мора да се процени и преземе без одлагање, наведува Мета меѓу другото во писмото.

Тој оцени  дека тоа ќе придонесе за остварување на граѓанското правото на изборите, како и за зачувување на интегритетот на изборниот процес.

Претходно Мета ги повика правосудните институциите да гарантираат фер изборен процес и да спречат било какви нерегуларности. На средбата со граѓанскиот сектор, Мета рече дека гласањето треба да биде свето и рамноправно и оти прашањето за изборите е прашање на целото општество, бидејќи од тоа зависи и интеграцијата на Албанија.