December 4, 2020 08:18
Македонија

Мерките за заштита од КОВИД-19 не смеат да го попречуваат правото на правично судење

Коалицијата „Сите за правично судење”објави реакција на донесениот протокол од Основен кривичен суд Скопје за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 во судовите.

„На 20.10.2020 на веб страната на Основниот кривичен суд Скопје беше објавен Протокол за
спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 во судовите, со кој се предвидуваат низа мерки кои се однесуваат на сите вработени, но и на сите странки и граѓани кои влегуваат во судот.

Веќе истиот ден од страна на Коалицијата Сите за правично судење е нотирано дека во одредени судови, лица во својство на јавност, вклучувајќи и претставници на невладини организации кои се препознаени како стручна јавност согласно процесните закони, врз основ на овој Протокол се спречени да присуствуваат и да ги набљудуваат судските рочишта, со образложение дека нема доволно простор во судницата како би се обезбедило соодветна физичка дистанца помеѓу лицата кои што се во истата.

Во таа насока, Коалицијата Сите за правично судење ја истакнува својата загриженост поради потенцијалното влијание кое вака изготвениот и на овој начин донесен Протокол може да го има врз правото на правично судење, и тоа од повеќе аспекти.

Најнапред, иако овој Протокол според својата содржина се однесува на сите судови во земјата, истиот до сега е објавен само од страна на Основниот кривичен суд Скопје и воедно воопшто не е наведено кој орган, тело или институција го има донесено, туку само е наведено дека истиот е изготвен од страна на Здружението на судии, а објавен од страна на Основниот кривичен суд Скопје. Оваа ситуација повлекува низа прашања во однос на транспарентноста и независноста на судската власт.

Во овој контекст, иако Здружението на судии е професионална организација сочинета од судии, сепак истото е само граѓанска организација, односно здружение на граѓани, па така истото не е препознаено како тело, институција или орган кој на било каков начин може формално да влијае врз судската власт и да носи обврзувачки акти за сите судови во земјата, директно навлегувајќи во овластувањата на Судскиот совет.

Во оваа насока е и Одлуката за постапување на судовите во Р. Северна Македонија во услови на зголемена опасност од вирусот КОВИД-19, која во март 2020 година беше донесена од страна на Судскиот совет на Р. Северна Македонија2 па со оглед на тоа, се поставува прашањето дали овој Протокол пред да започне со примена претходно треба да биде усвоен од страна на Судскиот совет и да биде јасно наведено од кој орган истиот е донесен, како и да биде јавно објавен и достапен
во сите судови со цел граѓаните да можат соодветно да се информираат и прилагодат на мерките?

Дополнителна загриженост предизвикуваат и самите мерки кои се наведени во Протоколот, а кои даваат широки овластувања на судиите да ја ограничат, па дури и целосно да ја отстранат јавноста од постапките, спротивно на законските, уставните и меѓународните одредби кои се однесуваат на правото на фер судење.

Така, согласно Уставот на РСМ, Европската конвенција за човековите права на Советот на Европа,
Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на Обединетите нации, како и домашните процесни закони, судењата во судовите во Р. Северна Македонија се јавни, а причините поради кои јавноста може да биде исклучена, како и начинот на кој истото може да биде направено се соодветно предвидени. Јавниот карактер на постапката е важен дел од обезбедувањето на правичноста, а спроведувањето на правдата треба да биде видливо, така што да биде подложно на јавен надзор, што воедно ќе послужи и како механизам со кој ќе може да се зајакне довербата на граѓаните во судството и правосудните институции.

Во таа насока и Европскиот суд за човекови права, во предметот Рипан против Австрија (Riepan v. Austria) нагласува дека одржувањето на јавни судски рочишта е основно начело на чл.6 од ЕКЧП, односно дека ова начело е еден од механизмите со кој што може да се одржи довербата во судството.
Во таа насока, ЕСЧП ја препознава потребата од исклучување на јавноста поради заштита на безбедноста или приватностa, но сепак истиот констатира дека случаите во кои грижата за безбедноста го оправдува исклучувањето на јавноста се навистина ретки, а воедно
и дека безбедносните мерки мораат да бидат соодветно прилагодени и во согласност со начелото на сразмерност, откако ќе бидат разгледани сите можни алтернативи.

Во насока на тоа дека во кривичната постапка постои особено високо очекување на јавност, чл.346 од Законот за кривичната постапка предвидува дека доколку нема соодветни услови за одржување на главната расправа во одделни простории, судот може да определи главната расправа да се одржи во друга просторија.
Оттаму сметаме дека судовите треба да вложат напори за разгледување на сите останати алтернативни мерки во насока на обезбедување на соодветни простории за одржување на судските рочишта за време на пандемијата, а со цел заради обезбедување на стандардите за фер и правично судење на граѓаните.

Согласно Законот за кривичната постапка, точно е определено во кои ситуации судот може да ја исклучи јавноста на главната расправа, а тоа да не се смета за суштествена повреда на постапката согласно чл.415 ст.1 т.4 од ЗКП9 . Воедно ЗКП го обврзува судечкиот судија, или судечкиот совет, доколку постојат причини за исклучување на јавноста, да донесе решение за истото, кое мора веднаш да биде јавно образложено.
Имајќи го предвид горе наведеното, Коалицијата, ги поздравува напорите за заштита од КОВИД19 од страна на правосудните институции и судовите, преземени како не би се изложиле граѓаните на ризик за зараза од вирусот, но воедно апелира судовите и правосудните институции да вложат
дополнителни напори за почитување на човековите права во време на пандемија, како би се
обезбедило фер и правично судење за сите граѓани согласно највисоките меѓународни стандарди за
фер и правично судење.