September 29, 2020 07:06
Свет

Меконел: Судењето на Трамп во Сенатот најверојатно ќе почне на 21 јануари

Судењето за отповик на американскиот претседател Доналд Трамп во Сенатот најверојатно ќе почне на 21 јануари , соопшти шефот на републиканското сенатско мнозинство, Мич Меконел.
Прелиминарните фази, како што се полагање заклетва на сенаторите пред шефот на Врховниот суд задолжен за надгледување на расправата во Сенатот, може да бидат спроведени уште во текот на оваа недела, им кажа Меконел на новинарите.
Претходно, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, најави дека овој дом денеска ќе гласа за испраќање на обвинението против претседателот Трамп во Сенатот, со што се отвора патот за почеток на судењето за негово отповикување.
-Претставничкиот дом денеска ќе прејде на гласање за испраќање на точките од обвинението, усвоени во декември против републиканскиот претседател – за злоуптреба на власта и опструкции на работата на Конгресот, до екипата пратеници кои обвинението ќе го однесат во Сенатот, изјави Пелоси во соопштението по средбата зад затворени  врати со својата парламентарна група.
Таа кажа дека Претставничкиот дом ќе гласа за пренесување на обвинијата и за именување на лицата кои ќе бидат задолжени за овој случај. Таа го предупреди сенатот, каде мнозинството го имаат републиканците, да не помислуваат само да го отфрлат обвинението, туку од нив се очекува да спроведат процес.
„Претседателот и сенаторите ќе бидат одговорни. Американскиот народ ја заслужува вистината и Уставот бара судење”, напиша таа во соопштението.Со оваа акција почнува процедурата за отповик во Сенатот, што ќе биде само трето вакво судење во американската историја.