December 10, 2022 00:20
Македонија

„Медиумски ден” на Институтот за комуникациски студии, од годинава се приклучува и „МИА”

 Институтот за комуникациски студии (ИКС) денеска ќе го организира шестиот „Медиумски ден”. Околу 130 ученици од 13 училишта ќе ги посетат МРТ, ТВ 21, Радио МОФ, ТВ Плус, ТВ Тера и ТВ Вис кои се традиционални домаќини, и Медиумската информативна агенција (МИА) и ТВ Сител ќе се вклучат за прв пат.

– На „Медиумскиот ден” учениците ќе се запознаат со работата на новинарите, ќе видат како функционираат редакциите, како се креираат медиумските содржини, но и ќе дознаат како медиумите се справуваат со дезинформациите. По посетите на медиумите, средношколците ќе учествуваат на дебата за заштита од дезинформациите на социјалните мрежи коишто ги користат, посочуваат од ИКС.

На годинашниот „Медиумски ден” ќе учествуваат средношколци од вкупно десет градови „Ванчо Прке” – Виница, „28 Ноември” – Дебар, „Гоце Делчев” – Валандово, „Богданци” – Богданци, „Јосиф Јосифорвски” – Гевгелија, гимназијата „Ј. Б.-Тито” од Битола, „Јане Сандански” – Струмица, „Кочо Рацин” – Велес, „Зеф Љуш Марку”, „Никола Карев” и „Јосип Броз Тито” од Скопје, СЕПУ „Перо Наков” и гимназија „Гоце Делчев” од Куманово.

Медиумскиот ден се организира во рамки на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија – Користи факти”, финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.