October 27, 2020 16:43
Македонија

Мајките сакаат да ги чуваат децата дома, а Владата вели дека услови има во градинките

Со барање за укинување на одлуката на 23 септември да се вратат на работа, мајките на деца до шестгодишна возраст и оние кои се на породилно отсуство, попладнево излегоа на протест пред Владата.

Бараат породилното отсуство да биде продолжено до крајот на годината, а според нив во градинките нема место и воопшто не можат да ги запишат нивните деца. Петицијата ја потпишале 3.325 мајки.

Според владината одлука, од 14 септември, сите родители на деца од 0 до 6 години, кои досега беа ослободени од работниот процес, треба да се вратат на работа почнувајќи од 23 септември.

Од Владата соопштија дека со отворањето на установите за згрижување и воспитување деца на 9 септември 2020 година и анализата која покажа дека градинките имаат капацитет да ги згрижат децата согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, кој на минимум го сведува ризикот од ширење на вирусот Ковид-19, мерката родителите на децата од 0 до 6 години да бидат надвор од работниот процес ја губи смислата.