October 28, 2020 05:18
Македонија

Мајките на породилно утре на протест, ќе бараат оставка од Шахпаска

Околу 500 мајки на деца до шестгодишна возраст, според пријавата во МВР, се очекува да протестираат утре пред владата, поради одлуката да им се прекине породилното отсуство и да се вратат на своите работни места. Тие барааат да бидат на продолжено породилно отсуство до крајот на годинава, бидејќи децата не им се запишани во градинка поради немање место, пишува „Слободен печат“.

Дел од нив воопшто не ни аплицирале за упис во градинка зашто очекувале да бидат дома до крајот на годинава, а има и такви кои се плашат дека во екот на пандемијата на коронавирус и со појавата на сезонскиот грип, престојот во установите за згрижување нема да биде безбеден за нивните најмили. На протестот најавено е дека ќе присуствуваат мајки од Скопје и од градови од внатрешноста.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска тврди дека е логично и очекувано од 23 септември, за помалку од една недела, да престане породилното отсуство, затоа што градинките и центрите за ран детски развој се отворени и имаат капацитет да ги примат децата, а ќе функционираат по строги протоколи за да се спречи ширењето на коронавирусот. Учесничките во најавениот протест пак, воопшто не се согласуваат дека имаат можност да ги згрижат своите деца и инсистираат владата да ја преиспита својата одлука.