October 29, 2020 23:05
Спорт

Мајами стигна на еден чекор од големото НБА-финале

Мајами Хит со 112:109 го победи Бостон Селтикс во финалната серија кој прв до четири триумфи, на Истокот од кошаркарската НБА-лига и дојде на еден чекор до големото финале. Мајами поведе со 3:1 во победи.

Мајами имаше предност во најголемиот дел од мечот и ја контролираше играта и резултатот.  Бостон не дозволуваше противникот да се одлепи, но немаше сили да направи пресврт и на крајот загуби со 112:109.

Денешниот меч одигран во „балонот“ во Орландо го одбележа „рукито“ на Мајами, Тајлер Хиро со постигнати 37 поени, 6 скока и 3 асистенции. Ова 20- годишно момче испиша нова страница во историјата на НБА , со фактот дека како резервист постигнал најголем број на поени во историјата на лигата, а воедно е и вториот најдобар стрелец на својата возраст, веднаш зад големиот Меџик Џонсон, кој како дваесетгодишник на меч од плеј офот постигна неверојатни 42 поени.

Кај Мајами расположени за игра беа и Батлер кој постигна 24 поени, Драгиќ 22, а Адебајо го заврши мечот со дабл-дабл учинок, 20 поени и 12 скокови.
Во составот на Бостон, интересно беше што Тејтум по првите две четвртини немаше постигнато поени, а на крајот заврши како најефикасен во својот тим со 28 поени, Браун постигна 21, Вокер 20.