December 8, 2022 23:06
Свет

Масовна гробница откриена во јужниот дел на Авганистан

Масовна гробница е откриена во јужната авганистанска провинција Кандахар, за која талибанските власти вината ја посочија кон поранешен функционер на безбедносните служби од претходната гарнитура, ликвидиран во 2018 година.

Портапрол на талибанските власти појасни дека гробницата од која биле есхумирани тела на 16 лица била откриена пред три дена случајно при ископ на бунар во областа Спин Болдак.

Талибанските власти тврдат дека жртвите биле убиени пред околу девет години по наредба на поранешниот началник на полицијата на Кандахар, генерал Абдул Разек, кога областа била контролирана од авганистанската влада поддржана од меѓународната заедница.

Генералот Разек, инаку истакнат антиталибански функционер во јужните делови на Авганистан, беше убиен од талибанците во 2018 година, непосредно по средба со највисокиот американски генерал во Авганистан, Скот Милер.

Специјалниот известувач на ОН за ситуацијата на човековите права во Авганистан, Ричард Бенет, изрази уверување дека ќе биде спроведено форензичко испитување на останките.

Организацијата „Хјуман рајтс воч” повика на истрага за наводните злосторства, истовремено повикувајќи ги талибанските власти да спречат одмазнички акции.

Покрај убиствата на цивили во смртоносни самоубиствени бомбашки напади, талибанските сили се обвинети и за егзекуции без судење низ целата земја. Завојуваните авганистански страни се обвинети за извршени воени злосторства во текот на повеќедеценискиот конфликт.