December 9, 2022 13:44
Македонија

Марија Буровска е нов претседател на беровскиот Совет

Марија Буровска од советничката група на коалицијата предводена од СДСМ, е нов претседател на Советот на Општина Берово. Таа доаѓа на местото на досегашниот претседател Стево Суџуковиќ, кој поради лични причини се повлече од функцијата.

Примопредавањето на функцијата се одржа на денешната 17. седница на која присуствуваше и беровскиот градоначалник Звонко Пекевски.

– Во име на општинската администрација и мое лично име изразувам благодарност до досегашниот претседател, Стево Суџуковиќ, за успешната соработка, во дефинирање и остварување на програмата и приоритетите на граѓаните и за неговиот огромен ангажман и придонес во подобрувањето на животот на граѓаните на Општина Берово. На новиот претседател Марија Буровска и посакуваме успешна работа и сите заеднички да продолжиме ги движиме општествените состојби напред, рече Пекевски.

Досегашниот претседател Стево Суџуковиќ останува член на Советот на Општина Берово како дел од коалицијата на СДСМ.

Во Советот на Општина Берово мнозинството со седум советници го има советничката група на коалицијата предводена од СДСМ наспроти пет советници од ВМРО – ДПМНЕ и коалиционите партнери.