November 29, 2022 05:14
Македонија

Маричиќ: Судските реформи клучни за забрзување на евроинтеграциите

Објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавје 23, „Правосудство и фундаментални права”, од Кластерот „Темели”, го одржуваме во вистинско време, бидејќи ќе ни даде насока за правилно да ги планираме идните активности и реформите во правосудството.
Ова го изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на состанокот во Брисел за Поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права”, со којшто завршуваат објаснувачките скрининг состаноци за Кластер 1, „Темели”.
-Се спроведува Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година и се подготвува нова.
Во тек е дигитализација на судството, а неколку дигитални услуги за граѓаните се достапни на националниот портал за е-услуга. Се работи на интероперабилност за електронска размена на податоци меѓу 86 институции, а за постигнување поголема судска транспарентност, Судскиот совет го усвои Акциониот план за отворено судство 2021-2023 година, напиша Маричиќ на официјалната Фејсбук страница.
Тој истакна дека сите активности кои ги преземаме последните години се насочени кон подобрување на електронскиот судски портал, подобрување на квалитетот и достапноста на податоците и информациите за работата на Судскиот совет и судовите, зајакнување на надзорната улога на Судскиот совет, како и подобрување на електронскиот систем за основна и континуирана обука на судиите.
Вчера се одржа објаснувачкиот скриниг состанок за уште една област што првпат се воведува во пристапните преговори – Функционирање на демократските институции“, во рамки на кластерот „Темели”, што е основна вредност врз која функционира Европската Унија.

Скринингот за усогласување на нашето законодавство со тоа на ЕУ официјално почна на 15 септември, и според очекувањата на вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе трае до ноември 2023 година.

Од 15-27 септември 2022 година се одржуваа состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата го презентираше новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваа во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика во Луксембург.

Во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди.

Европската комисија потоа подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.