November 24, 2020 21:36
Македонија

Маричиќ разговараше со УПОЗ за потребата од измени на законите за судска и јавнообвинителска служба

Министерот за правда Бојан Маричиќ оствари средба со претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) предводени од претседателот Пецо Грујовски.

Средбата, како што денеска соопшти Министерството за правда, е реализирана во текот на вчерашниот ден, а на неа се разговарало за потребата од менување на законите за судска служба и јавнообвинителска служба, како и за подобрување на статусот и правата на вработените во овие служби.

Министерот Маричиќ истакнал дека синдикатот ќе има отворени порти за соработка во Министерството за правда и дека секогаш ќе настојува да ги подобри условите на вработените во судовите и обвинителствата.

Двете страни се согласиле за продолжување на социјалниот дијалог и соработката околу заложбата да се унапредат правата на вработените во судовите и јавните обвинителства.