December 9, 2022 23:59
Македонија

Маричиќ од Стразбур: Посветени сме на преговорите, но потребен е национален консензус за ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес во Стразбур учествуваше на одржувањето на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Македонија и ЕУ, прв откако државта ги отвори преговорите со Европската Унија.

Нагласи дека Парламентот ќе биде клучен партнер во пристапувањето во Европската Унија, од кого ќе зависи динамиката на текот на преговорите, особено од улогата и активноста на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.

„17 години Северна Македонија го чекаше почетокот на преговорите со Унијата, сега мора да се има национален консензус и ќе дефинираме механизми за сите пратеници да се вклучат во процесот. Овој историски момент за исполнување на стратешката цел-Северна Македонија да биде членка на ЕУ и треба да го искористиме, рече Маричиќ пред членовите на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Ја претстави новата усвоена преговарачка структура, која е дефинирана да одговори на новата методологија и истовремено да овозможи транспарентност и инклузивност на процесот, за кој, рече дека е потребно вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската и бизнис заедницата и сите други засегнати страни.

Европратеникот Андреас Шидер во своето воведно обраќање рече дека кредибилитетот на ЕУ е потврден со почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија и дека заслужено се материјализираше заложбата и посветеноста на евроитеграцијата на земјата, но сега дека е најважен партискиот дијалог и меѓупартискиот консензус, кој може да се унапреди во рамки на активностите од дијалогот „Жан Моне“.

На панелот на кој се обрати вицепремиерот Маричиќ учествуваа и Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, која рече дека со почетокот на преговорите односите помеѓу Северна Македонија и ЕУ влегуваат во една нова фаза, а процесот на скринингот не е само технички, туку процес на трансформација.

Постојаниот известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, посочи дека процесот на преговори е во сигурни раце и дека Северна Македонија ги заслужува сите пофалби за посветеноста на евроинтеграциите, регионалната соработка и добрососедските односи, информираат владините служби.