February 3, 2023 12:03
Македонија

Маричиќ: Нова поддршка од ЕУ за побрз и полесен процес на преговори

 Во Секретаријатот за европски прашања, во пресрет на почетокот на новиот проект „Поддршка за реформи на политики, пристапување и ефективност (SUPRAE)”, финансиран од Европската Унија, се одржа првиот состанок на кој присуствуваа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ и шефот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин.

Вицепремиерот Маричиќ, во своето обраќање  ја потенцираше важноста на ЕУ проектите во спроведувањето на реформите и ја изрази неговата благодарност за поддршката од страна на ЕУ во процесот на преговори со ЕУ.

 – Самиот процес на преговори бара градење на нашите институционални и административни капацитети, но и реализација на планот за реформи. Убеден сум дека спроведувањето на овој проект ќе го направи процесот на пристапување подобро рационализиран, а резултатите очекувам да дадат јасна стратешка рамка со добро дефинирани цели и задачи, како на национално, така и на секторско ниво, рече Маричиќ.

Според него, проектот SUPRAE е еден од најважните активни проекти во Секретаријатот за европски прашања кој во следните три години спроведување ќе обезбеди поддршка во процесот на пристапување на земјата, не само за Секретаријатот за европски прашања, туку и за сите релевантните институции во овој процес.

Проектот ќе се фокусира на спроведување на три компоненти, и тоа: Зајакнување на стратешкото планирање, известување и комуникација, воспоставување на стратешка, методолошка и оперативна рамка за процесот на пристапување и унапредување на програмирањето, користењето и проценката на ЕУ фондовите од страна на надлежните институции.

Сите три компоненти на проектот подразбираат поддршка за програми за обука, регрутирање, подигање на јавната свест и комуникација што треба да придонесе за подобро разбирање на јавноста за улогата на ЕУ и процесот на пристапување во целина, дигитализација на одредени аспекти од преговарачкиот процес и подобро управување со фондовите на ЕУ. Сето ова треба да биде од корист и за Секретаријатот и за сите институции и државни службеници вклучени во процесот на пристапување, информираат од Секретаријатот за европски прашања.