November 27, 2020 23:39
Македонија

Маричиќ: Моделот за прочистување на правосудството до истекот на првите 100 дена од мандатот

До истекот на првите 100 дена од мандатот на Владата ќе имаме дефиниран модел за прочистување на судството и обвинителството, којшто заедно со чинителите во правосудниот сектор, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и останатите ќе го презентираме и ќе го образложиме пред јавноста, рече на денешниот брифинг со новинарите министерот за правда Бојан Маричиќ. 

И од претседателот на Судскиот совет и од претседателот на Советот на јавни обвинители добивам уверување дека заедно ќе работиме на овој модел, како и од државниот јавен обвинител и од претседателот на Врховниот суд. Сите тие ќе се вклучат ефективно во креирањето на моделот, но и во неговото спроведување. Без партнери во  овие клучни институции тешко ќе успееме. Поради тоа ми е важно и одржувам дневна комуникација со сите нив со цел да направиме модел во којшто јавноста ќе верува, да ги отвориме судските институции за поголема отчетност, пристапност кон граѓаните  и јавноста и на тој начин да речам да ги тргнеме сите шпекулации, целата мистерија поврзана со судската власт за да може јавноста да верува  и да има двонасочна  комуникација со судските власти, рече Маричиќ.

Секако, додаде министерот за правда, секој судија и секој обвинител треба да си понесе своја одговорност и во позитивна смисла, значи и во оние случаи каде што успешно се справиле со случаите и со проблемите и во оние случаи каде што имаме застој, непрофесинално постапување или евентуална потенцијална корупција.   

-Нашата основна  идеја е да има  концепт во којшто ќе има проверка на имотот на судиите и  на обвинителите,  концепт во којшто ќе има проверка на случаите коишто се или застарени или се блиску до застарување, проверка на случаите коишто  се случиле од висока корупција или висок јавен интерес  и каде што ќе има ефективни  постапувања по извршена анализа  на пет проценти по случаен избор, но исто таа и по критериумите коишто ги спомнав ќе има ефективна постапка за оние судии и обвинители каде што  ќе се утврди одговорност за непостапување  и заташкување и непрофесионално  настапување, појасни министерот за правда.

Целта на овој процес, како што рече, е добрите професионалци и оние добро коишто си ја вршат работата имаат зајакната улога и да им биде оддадено признание, а оние коишто не ја вршат добро работата и оние коишто ја шират и ја  зајакнуваат недовербата во правосудниот систем да бидат отстранети од тој систем.

-Секако овој дел на зголемување на одговорноста во правосуднот систем  ќе оди паралелно со зајаканување на ресурсите. Ние како Влада ќе се залагаме и се бориме за тоа да имаат и судиите и јавните обвинители зајакнати ресурси за дејствување и во смисла на стручни соработници и во смисла на навремени и квалитетни избори на нови судии и обвинители и во смисла на истражители и ресурси за се она што им треба за квалитетно спроведување на постапките, рече Маричиќ.  

На врвот на листата на приоритетите,како што посочи, е и успешен почеток и непречено спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права.

– Очекуваме во декември за време на германското претседателство да ја имаме првата владина конференција после која ќе следува билатерален скрининг за поглавјата, особено за почетокот на Поглавјето 23 , судство и темелни права, и некаде втората половина од наредната година ефективно да го отвориме Поглавјето 23, посочи Маричиќ. 

На почетокот на наредната година, најдоцна на пролет, како што рече министерот за правда, се очекува да започне и ЕУ мониторингот на судските случаи од висок профил, околу 50 предмети годишно, во кој ќе учествуваат стручни лица од странство и домашните експерти ангажирани од ЕУ и ОБСЕ како спроведувач.

– Со овој проект кој треба да започне на почетокот на идната година и ќе трае до 2025 година, период во кој би требало да имаме 50 случаи годишно под мониторинг на ОБСЕ, а со поддршка на ЕУ, ќе се зголеми довербата на јавноста во правосудството, но исто така и ќе се осигура и ЕУ дека навистина се спроведуваат законските принципи на дело  и во конкретните случаи и особено  случаите на висока корупција, рече Маричиќ.  

Одговарајќи на новинарско прашње за случајот „Дака и ШИК Јелак”, министерот за правда рече дека секој случај каде што има било какви индиции за криминал треба да се истражи и тоа не е никаква новост.

-Мислам дека тој случај беше инициран од некого пред Обвинителството или пак беше доставено како допрен глас и натаму е работа на Обвинителството да постапи и да го расчисти. Без да навлегувам во коментирање на конкретен случај Обвинителството е должно да постапи за сите индиции, за секој допрен глас ефикасно и одговорно, рече Маричиќ.