April 15, 2021 09:45
Македонија

Маричиќ за пописот: Не ни требаат ни повеќе Македонци, ни Албанци, ни треба реалниот број граѓани

Министерот за правда, Бојан Маричиќ во интервјуто на Сител објасни дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за поништување на пописот било одбиено од институциите поради тоа што опозициската партија не сака во документацијата да го користи уставното име на земјата. Ги повика да не се политизира пописот. „Сите дискусии за пописот требаше да завршат уште минатата недела кога добивме верификација од Евростат дека сите стандарди – и законот и методологијата се согласно европските стандарди за попис. Владата нема никаква скриена агенда, нам ни требаат податоците за секој град, за секое населно место, за секој човек, за секое домаќинство. Пристапуваме со најчиста намера. Би испратил порака до сите граѓани и политички партиии, не е доцна за вклучување во пописот, бидејќи ни треба реална слика. Не ни требаат ни повеќе, ни помалку Македонци или Албанци – ни треба реална слика. Ефектот од таква политизација или негативна кампања може да биде само нереална бројка, нерелано малку луѓе од една или друга заедница, што ќе креира тензии“ заклучи министерот. Тој додаде дека негативните коментари за пописот произлегле од политизацијата на овој процес од страна на опозицијата. „Правевме повеќе обиди за преговори со опозицијата, но концептуално ни беа различни позициите. Опозицијата се залагаше за стариот концепт на пописот, оној што не успеа во 2012, а ние се залагавме за еден нов концепт, кој што ќе ја направи што повеќе статисчка, а што помалку политичка операција“ рече министерот Маричиќ и додаде дека пописот за одредени категории на лица започнува од понеделник.