January 30, 2023 02:41
Македонија

Маричиќ: Во 2030 сакаме да ги завршиме преговорите и да го започнеме членството во ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на панел-дискусија посветена на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан на ФЕС, истакна: „Со политичка волја и конкретни чекори од ЕУ, интеграција на регионот е реална. Кога зборуваме за пристапувањето во Европската Унијата тоа од секогаш било и геополитички интерес, но и прашање на политичка волја.“

Според Маричиќ, за ЕУ мора да се направат силни реформи, искрени и без импровизација: „Од наша страна, од страна на државите од Западен Балкан и сите влади, мора да се направат силни реформи, искрени и без импровизација. Од друга страна, за да тоа има ефект и за да може да имаат навистина политичка тежина тие реформи, мора да има јасна политичка волја од страна на државите членки на ЕУ, исто така искрено и без импровизации. Така ќе можеме да дојдеме до посакуваното членство во европското семејство.“

Посакуваното членство во ЕУ, според Маричиќ, може да се оствари во 2030 година: „Затоа за нас е многу важно да имаме временска рамка на пристапување, но затоа е неопходен план и затоа ние ја комуницираме 2030 година, како некоја одредница, точка, кога сакаме да ги завршиме преговорите и да го започнеме членството.“