January 23, 2020 06:55
Македонија

Мапирани и снимени 42 диви депонии во Долнореканскиот крај

Здружението за екологија и унапредување на културата и спортот „Тритон” од Ростуше, во соработка со НВО Инфоцентар денеска ги мапираше дивите депонии во Долнореканскиот крај, во националниот парк Маврово, и со дрон сними дури 42 депонии.

Идејата на целата акција, како што соопштува Инфоцентарот, е да се поттикнат властите на локално и национално ниво, надлежните институции и граѓаните, да најдат ефикасно системско решение за чистење на дивите депонии, а потоа напорите да се насочат кон превенција од создавање други диви депонии.

Депониите се лоцирани и снимени со помош на локалното население од селата Ростуше, Велебрдо, Битуше, Требиште, Видуше, Жировница, Врбјане, Јанче, Аџиевци, Присојница и Скудриње.

Инфоцентарот нагласува дека очекуваат поддршка од граѓаните во чистењето на дивите депонии, но и да ги сменат старите навики и да прифатат нови решенија со кои ќе се заштитат природните убавини на националниот парк.

Снимениот видео материјал им беше презентиран на претставници од општина Маврово и Ростуше, месните заедници, Националниот парк и од Јавното комунално претпријатие „Маврово”.

-За да се поттикне менувањето на навиките за фрлање отпад кај локалното население и за подигање на свеста за потребата од заштита на животната средина, во рамки на акцијата беа донирани и 40 канти за отпадоци, кои ќе бидат поставени во 10 населени места во Долнореканскиот крај, информира организацијата Инфоцентар.

Акцијата за мапирање на дивите депонии е реализирана во рамки на проектот „Активни граѓани за партиципативна локална демократија”, кој го спроведува НВО Инфоцентарот со финансиска поддршка од Меѓународниот центар Улоф Палме.

Нови вести

Потпретседателот Петров од трибината Агенда 20-24 : Потребно e сите заеднички да го создадеме македонскиот “green deal”

Filip

О2 иницијатива: Милионските суми што ги контролира екомафијата ја одложија забраната за увоз на отпад

Filip

Изгласан Законот за младински додаток: Младите до 23 години ќе добиваат по 3.000 денари за работа во производство

Filip