October 1, 2020 13:03
Македонија

Манчевски: Да постигнеме широк национален консензус на сите нивоа

Законот за организација и работа на органите на државната управа се менува со двотретинско мнозинство. Ако ние сакаме, сега пред избори, би рекол тешко. По изборите да го донесеме овој закон како држава треба да постигнеме широк национален консензус на сите нивоа. Ќе се покаже колку сите се искрени во намерите нешто навистина конечно да се смени. Ова денеска го соопшти министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање.

– Државата ова 30 години го нема направено. Имаме финансиска и експертска поддршка и од страна на ЕУ, во одредени фази и Британската амбасада финансираше одредени експерти. Ако сме искрени во намерите нешто да смениме, ќе се обидеме ова да успее затоа што идејата ни е и да стане поефикасен јавниот сектор, да затвориме некои дупки во пазарот на трудот што се јавуваат во приватниот сектор, а притоа да нема жртви. Да не останат луѓе на улица и без работа. Социјална држава сме и левичарска влада се обидуваме ако може сите да најдат работа, во приватен, во јавен сектор, без разлика, тоа би било идеално, рече Манчевски.

Тој смета дека Законот за висока раководна служба исто така треба да се земе како дел од големиот пакет реформи во оваа власт зошто тој, како што рече, ги тангира директорите и генералните секретари.

– Тие досега беа прилично недопирлива категорија. Законот за висока раководна служба дефинира начин на нивен транспарентен избор, значително зголемување на критериумите кои треба да ги исполнуваат, а изборот да го врши независна Комисија, избрана во Собранието во која дури од 11 члена, четири се само политичари, а мнозинството се надворешни луѓе. Таа комисија ќе биде професионална да ги спроведува целиот конкурс и евалуација на кандидатите кои ќе се јават за одредена раководна позиција и на оној што го врши изборот да му ги даде најдобрите три кандидати, рече Манчевски.

Тој потенцира дека се работи за зголемени критериуми, тотално независна евалуација на кандидатите и на крај граѓаните, јавноста да бидат сигурни дека кој и да биде изборот, дека е соодветен кадар за таа позиција.

– Во моментов законот се наоѓа во собраниска процедура, помина комисиската расправа. Сега брзо ќе биде првото читање, на 28 јануари се планира, тоа ќе го потврдите сепак со Собранието, Комисијата за политички систем да организира уште една јавна расправа во Собранието, со вклученост на сите пратеници, на сите заитересирани страни, со експертите, со претставниците на СИГМА со кои го пишувавме овој закон, најрелевантната меѓународна организација за реформа на јавен сектор, рече Манчевски.

Министерот изрази надеж дека ако сите се искрени, сакаат нешто да се направи и, како што рече, да се направи ред во безредието, дека ќе успееме да го донесеме законот пред распуштањето на Собранието, на 12 февруари.

– Ова се и политички тестови за сите нас, да покажеме што навистина мислиме да правиме или само зборуваме кога се работи за политички натпревар, рече Манчевски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Манчевски вели дека Државната изборна комисија мора да ги има сите соодветни услови за да може да ги спроведе изборите.