February 2, 2023 03:45
Свет

Макрон им порача на Французите: Можни се прекини на струја, но не паничете

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нема потреба од паника поради можни прекини на струја оваа зима и ги повика граѓаните да трошат помалку енергија.

Во интервју за француската ТВ станица ТФ1, Макрон негираше дека причината за можните прекини на електричната енергија е несоодветното управување со програмата за рестартирање на нуклеарниот реактор на државната комунална компанија ЕДФ.

„Прво, да бидеме на чисто: без паника! Легитимно е владата да се подготвува за екстремни сценарија во кои струјата би била исклучена по неколку часа на ден доколку нема доволно“, рече Макрон, а пренесе „Скај њуз“.

Шефот на францускиот мрежен оператор RTE во четвртокот рече дека оваа зима може да има прекини на електрична енергија неколку дена и дека владата почнала да ги информира локалните власти како да се справат со ситуацијата.

ЕДФ неодамна имаше повеќе тешкотии со работата на нуклеарните централи, при што производството на енергија падна на најниско ниво во последните 30 години. Ова се случи во време кога Европа се обидува да најде алтернатива за снабдувањето со руски гас.