January 29, 2023 14:17
Свет

Макрон: Имам директен контакт со Путин

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека одржува редовни разговори и директен контакт со рускиот претседател Владимир Путин.

„Секогаш одржувам редовни разговори и директен контакт со претседателот Путин, бидејќи верувам дека ова е најдобриот начин да се продолжи интеракцијата за одржување на директен канал. Изолацијата е најлошата работа, особено за лидер како него“, рече Макрон во интервју за „CBS“.

Тој изрази мислење дека на 24 февруари, кога Русија одлучи да започне војна во Украина, направи огромна грешка, прво затоа што не го почитува меѓународното право и ги прекрши сите принципи, а второ затоа што „најверојатно направи многу грешки во нејзината проценка на нејзините и на украинските капацитети“.

„И сега се случува, да речеме, од септември, тие решија да бомбардираат многу цивилна инфраструктура. Ова е воено злосторство“ – рече Макрон.

Имајќи предвид дека војната во Украина предизвика скок на цените на храната и енергијата, како одговор на прашањето колку може да трае отворената поддршка на Западот за Украина, Макрон рече дека е исклучително важно „Европјаните, Американците и максималниот број од земјите во овој свет да ја поддржуваат Украина“.

Тој изрази мислење дека е важно да се пренесе пораката дека крајот на војната одлучуваат Украинците, а единствениот начин за решавање на ситуацијата во Украина би бил преку преговори.