September 29, 2020 14:52
Македонија

Макрадули од трибината Агенда Воздух 20-24: Преземаме одговорност, до 2024 година да не постои ниту една институција која загадува

Да не постои ниту една институција која загадува воздух, оваа обврска ја преземаме да ја реализираме до 2024 година, истакна членот на ЦО на СДСМ и заменик министер за животна средина Јани Макрадули на трибината Агенда Воздух 20-24 која во организација на СДСМ вечерва се одржува во Тетово.

Ја повикувам и опозицијата заедно со граѓанскиот сектор и академската заедница, да постигнеме договор со кој ќе утврдиме просторен план, ќе постигнеме зелена платформа, рече Макрадули, додавајќи дека заедно сите со национален консензус треба да ја дефинираме државата со јасни подрачја каде ќе може да се градат хидроцентрали, ветерници и слично, а кои подрачја ќе бидат заштитени што и ќе им биде посочено на странските инвеститори во државата.

Ако може шведската амбасада во Сараево да повика на примерот на Република Северна Македонија за намалување на загадувањето, тогаш да продолжиме да ги развиваме и натаму и да го постигнеме најдобриот резултат, рече Макрадули.

Макрадули истакна дека институциите се во дослух во невладиниот сектор и сите препораки од еколошките здруженија се разгледуваат со голема сериозност.

Примерот по кој го решаваме овој проблем не е нов. Земен e од развиените земји како Шведска, Данска, Велика Британија и други каде вродиле со позитивен резултат. Посветени сме на борбата за чист воздух и ќе продолжиме и натаму со силна решителност, заклучи Макрадули.