Осмоодделенка е најмладата пациентка на Клиниката за гинекологија која завршила со абортус. Во 2020 дури 18 тинејџерки под 15 годишна возраст станале мајки. Младите во земјата немаат многу познавање за репродуктивното здравје – 20 проценти од нив не знаат како да се заштитат од сексуално преносливи болести.
– Анализите покажаа дека тие претставуваат најмал дел од популацијата која редовно се обраќа на гинеколог. Кај младите има една стигма и незнаење за некои од основните работи, на пример опасностите да се здобијат со сексуална пренослива инфекција. 20 проценти од нив сметаат дека кондомот штити од несакана бременост, а не штити од сексуално преносливи инфекции. И 20 проценти од младите сметаат дека ако пијат орална контрацепција тоа ќе ги заштити од сексуално преносливи болести, што не е точно, изјави проф. д-р Глигор Тофовски гинеколог на ГАК.
Голем број од жените во Македонија не одат редовно на прегледи а повеќе 30 проценти од нив немаат избрано ниту матичен гинеколог. Особено загрижува источниот дел во земјата.
– Ќе треба да се интервенира во тие региони каде има најмала застапеност. И ковидот односно пандемијата го намали процентот на прегледи и кај трудниците, вели проф. д-р Ана Данева од ГАК.