April 15, 2021 06:15
Свет

МААЕ: Нашите инспекции во Иран да не станат „монета за поткусурување”

Првиот човек на меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, денеска повика нивната инспекциска работа во Иран да не стане „монета за поткусурување”, во момент кога светските сили ги разгледуваат опциите за обновување на преговорите за нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, пренесуваат француските медиуми.

-Треба да се сочува инспекциската работа на МААЕ… таа не смее да се најде на средината од  преговарачката маса како монета за поткусурување, рече на прес-конференција Гроси, што се оддржа на почетокот на седницата на Управниот одбор на Агенцијата.

Иран на 23 февруари прекина неколку инспекции на МААЕ, како свој одговор на американското одбивање да ги укинат санкциите воведени од поранешниот претседател Доналд Трамп.

Прекинувањето на инспекции Гроси го опиша како „огромна загуба”, но на прашањето дали Агенцијата, сепак, може да ја увери меѓународната заедница дека иранската нуклеарна програма е мировна, тој одговори: „Засега, да”.

Гроси додаде дека МААЕ ќе продолжи да располага со средства за проверка на количествата на збогатен ураниум од иранска страна.

По дводневни разговори со ирански официјални лица во Техеран, Гроси на 21 февриари соопшти дека  Иран и МААЕ склучиле привремен тримесечен договор за ублажување на влијанието на прекинатите инспекции.