February 20, 2020 19:00
Свет

Лукашенко: Русија инсистира на присоединување на двете држави

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, изјави дека е под притисок на Кремљ за Белорусија да се присоедини кон Русија, а во замена да добие поволни цени за испорака на горива.

„Руското раководство алудира на интеграција на Белорусија во замена за обединета цена на енергентите“, рекол Лукашенко прераскажувајќи го состанокот во Сочи со рускиот претседател, Владимир Путин.

„Под интеграција тие подразбираат преземање на Белорусија. Тоа не е интеграција, туку инкорпорација“, додава Лукашенко.
Белорускиот претседател вели дека е уверен оти ни Русија ни Белорусија не би сакала да оди по тој пат.

Истакна дека рафинериите во Белорусија добиле во јануари само 500 илјади тони руска нафта наместо планираните два милиона.

Транзитните испораки на руска сурова нафта во Европа преку Белорусија тече непречено, но белоруските рафинерии на нафта се сведени на минимален капацитет, што на земјата ѝ го скрати главниот извор на приходи.

Рускиот нафтовод „Дружба“, кој обезбедува речиси еден милион барели дневно за потрошувачите во Европа, поминува преку Белорусија, Полска и Германија.