August 14, 2022 20:37
Култура

„Лудориите на Чаплин“ – Филхармонијата на отворено во Градскиот парк

Овој петок, во 21 часот, во Градскиот парк, ќе се одржи традиционалниот концерт на отворено на оркестарот на Филхармонијата, посветен на генијалниот Чарли Чаплин. Оркестарот ќе ја свири музиката од филмот „Детето“ од 1921 година, а паралено ќе оди и проекција на истоимениот филм. Диригент е Џијан Емин.

Со својата неверојатна умешност преку превезот на комичното да детектира и презентира разни човечки состојби и емоции, Чарли Чаплин целосно ја трансформира светската кинематографија особено во жанрот на комедијата, на која ѝ даде сосема нова естетска и социјална димензија.

Неговите комедии се сплет од комедија и длабоки емоции и се фокусираат на важни аспекти од секојдневниот живот. Со други зборови, можеби неговите филмови се смешни бидејќи носи големи чевли и тесно палто, но зад ликот на Скитникот и неговите авантури се крие трагичноста на социјалниот живот на времето во кое биле создадени, објаснува организаторот.

Со таа трагичност, скриена зад превезот на комичното, публиката можела целосно да се идентификува за време на исклучително тешкиот период на големата депресија во САД.

Таков е и неговиот филм „Детето“. Спој на трагично и комично, на длабоки емоции вешто проткаени во наративот на приказната.

Традиционалниот концерт на отворено, со наслов „Лудориите на Чаплин“, се реализира со поддршка на Министерството за култура на РСМ, а локацијата ја има обезбедено Град Скопје.