August 20, 2022 01:22
Балкан

Локални избори во северно Косово: До 11 часот гласале 16,14 отсто од избирачите

Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) на пладневната прес-конференција објави дека на вонредните локални избори што денеска се одржуваат во четири општини во северно Косово до 11 часот своето избирачко право го искористиле 9.361 гласач, односно 16,14 отсто од граѓаните со право на глас, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателката на КИЦ, Ваљдете Дака изјави дека во 44-те гласачки центри во општините Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечане изборниот процес се одвива регуларно и не се забележани никакви проблеми.

Дака информира дека излезноста до 11 часот на редовните локални избори во октомври 2017 година во тие општини била 14,88 отсто.

Право на глас во четирите општини со мнозинско српско население имаат 57.983 граѓани, а на избори со свои кандидати за градоначалници учествуваат најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) и опозициското Движење Самоопределување (ВВ).

Вонредните избори во споменатите општини беа распишани откако тамошните градоначалници поднесоа оставки во знак на револт поради воведувањето на таксата од 100 отсто на увозот на српски производи.