December 1, 2021 16:47
Свет

Либералите се согласија на преговори за германската „семафор коалиција”

Партијата на слободните демократи (ФДП) денеска даде зелено светло за почеток на коалициски преговори со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и партијата на Зелените за формирање федерална влада.

– Гледаме големи можности, но и големи предизвици, но јас сум полн со оптимизам дека преговорите за коалиција ќе завршат со формирање коалициска влада меѓу социјалдемократите, зелените и либералите, истакна лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, по состанокот на претседателството на партијата во Берлин.

Тој нагласи дека ФДП ќе биде гаранција дека новата влада нема да биде „левичарска влада”.

– Граѓаните на изборите кон крајот на септември не избраа ориентираност кон лево. ФДП е гаранција дека владата ќе биде центристичка, додаде Линднер.

Тој ги отфрли шпекулациите за наводни расправии околу поделбата на ресорите во новата влада. Медиумите објавија дека Линднер и потпретседателот на Партијата на зелените, Роберт Хабек, претендираат за функцијата министер за финансии.

Преговорите за формирање коалиција добија согласност во петокот од претседателството на СПД, а вчера од раководството на Зелените.

Доколку преговорите бидат успешно завршени, новиот германски канцелар ќе стане кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц.