December 4, 2022 20:00
Свет

Либанскиот Парламент повторно не успеа да избере Претседател на Републиката

Парламентот на Либан повторно не успеа да избере претседател, во време продлабочена економска криза во која се наоѓа државата која од 1 ноември е без шеф на државата.

Парламентот од крајот на септември одржа седум седници на кои не успеа да избере наследник на Мишел Аун. Ниту таборот на „Хезболах”, ниту оној што се спротивставува на моќната проиранска формација, немаат мнозинство за да наметнат свој кандидат.

Пратеникот Мишел Моавад, син на поранешниот претседател Рене Моавад кој беше убиен во 1989 година и поддржан од таборот против Хезболах, денеска доби само 42 гласа што е далеку помалку од неопходните 86 гласа за да биде избран во првиот или 65-те гласови потребни за негово именување во втор круг.

Педесет пратеници, вклучително и оние од про-Хезболах таборот, доставија празни ливчиња. Други пратеници на ливчињата напишаа слогани, фиктивни имиња или дури и имиња на починати странски лидери, како што е она на соборениот чилеански претседател Салвадор Аљенде.

Моавад се смета за близок до САД.

Лидерот на „Хезболах”, Хасан Насрала, изјави дека сака претседател кој не му се потчинува на Вашингтон, а шиитската група соопшти дека има намера да предложи консензуално поддржан кандидат кој се уште не го именувала.

Во изјава за печатот христијанскиот пратеник Сами Гемајел кој гласаше за Моавад, изрази жалење што актуелната пат-позиција „неповолно се одрзува врз земјата, народот, економијата и Уставот”.

„Не можеме да останеме во оваа кланска и конфесионална логика на компромиси, што ја доведе земјата до ваква состојба на парализа на институциите”, рече пратеникот Фирас Хамдан.

Либанскиот Парламент наредната седница за избор на претседател ќе ја одржи на 1 декември.

Изборот на претседател може да трае мошне долго, како што се случи во 2016 година кога Мишел Аун беше избран по 29 месеци. Според важечкиот конфесионален систем на поделба на власта ло Либан, функцијата Претседател на Републиката е резервирана за маронитски христијанин.

Либан од 2019 година минува низ една од најтешките економски кризи, а Владата е критикувана од Меѓународниот монетарен фонд за бавното темпо на реформите што се предуслов за доделување финансиска помош. Во вчерашното соопштение Светската банка предупреди дека „институционалниот ваакум во Либан ќе го одложи усвојувањето на клучните реформи, што дополнителни ќе ги усложни проблемите на либанскиот народ”.

„Намалувањето на БДП во Либан од 37,3 проценти од 2018 година – што е едно од најлошите во светот – ги збриша 15-те години економски раст”, ​​соопшти Светската банка.

Од 1 ноември Либан е предводен од Влада во оставка, која извршува само технички задачи и нема овластувања да носи важни одлуки.