December 2, 2021 14:14
Свет

Либанската морнарица спаси брод со мигранти во Средоземното море

Либанската морнарица спасила брод со мигранти кој ја напуштил земјата пловејќи кон запад преку Средоземното Море, но се расипал кај либанскиот брег.

На бродот биле претежно Либанци, Сиријци и Палестинци, кои пловеле кон Кипар, членка на Европската унија, обидувајќи се да го избегнат економскиот колапс на Либан.

Околу 75 отсто од населението на Либан живее во сиромаштија.

Кабинетот на премиерот Наџиб Микати соопшти дека мигрантите илегално го напуштиле Либан и дека морнарицата го влечела бродот кон брегот.

Во соопштението не се наведува колку мигранти имало на бродот, но се посочува дека имало и деца.

Исто така се наведува дека ќе се спроведе истрага за инцидентот.

Шверцерите во Либан разработија бизнис од продажба на места за транспорт кон Европа, заработувајќи илјадници долари по човек.