Свет

Лекари без граници се повлекуваат од Сирија

Лекари без граници денеска одлучија да ги прекинат повеќето активности во североисточна Сирија и да го евакуираат персоналот поради турската воена операција во областа.

Хуманитарната организација соопшти дека е принудена да ги напушти градовите Аин Иса и Ал-Хол поради исклучително насилната ситуација, како и прифатниот центар во кој се сместени илјадници жени и деца, членови на семејства на припадници на Исламска држава.

Во соопштението се наведува дека поради „многу непредвидлива и променлива состојба” невозможно е хуманитарната организација да обезбеди безбеден пристап за да овозможи медицинска и хуманитарна помош на загрозените.

Лекари без граници наведуваат дека поради борбите на различните групи, тие веќе не можат да ја гарантираат безбедноста на нивниот персонал од Сирија и други земји.