February 2, 2023 22:53
Македонија

ЛДП: Хрватска во Шенген е одлична вест, ветото врз Бугарија и Романија е срам за ЕУ!

ЛДП ја поздравува одлуката на Европскиот совет за правда и внатрешни работи да го одобри членството на Хрватска во Шенген зоната од 1 јануари 2023. Им честитаме на пријателите и граѓаните на Хрватска за тоа што практично од нова година ќе им се укинат копнените гранични контроли со Словенија и Унгарија, како и граничните контроли на хрватските поморски и воздушни пристаништа кон земјиште од Шенген.

За ЛДП тоа е одлична вест и доказ дека со напорна работа, особено во борбата со корупцијата и организираниот криминал, се постигнуваат посакуваните резултати за граѓаните. Посакуваме и повикуваме да работиме сите напорно што е можно побрзо Северна Македонија да се најде во друштво со Хрватска и Словенија.

Едновремено, ЛДП ја оценува како срамна одлуката на министрите за внатрешни работи на Унијата да не им се даде зелено светло на Бугарија и Романија за влез во Шенген зоната, и покрај 11-те последователни позитивни извештаи на Европската Комисија за исполнувањето од страна на двете на сите шенгенски критериуми, како и овогодишното позитивно гласање на Европскиот Парламент.

ЛДП ја осудува одлуката за употреба на национално вето, овој пат од страна на Австрија и Холандија за проширувањето на Шенген зоната, засновани на принципи кои се базираат на селективност и противречат на принципите за еднаквост и правичност во евалуацијата на европските критериуми.

„Македонските граѓани најдобро знаат што значи да се биде жртва на национални вета и покрај исполнувањето на сите критериуми поставени од страна на Европската Унија. Не посакуваме никој да биде жртва на ирационални вета кои најчесто се производ на предрасуди или национални изборни калкулации, а не на оценка на критериуми. Изразуваме целосна солидарност со соседите од Бугарија и Романија” – рече Татјана Гацова, членка на советот за меѓународни односи на ЛДП.

ЛДП апелираат за укинување на можноста на ставање на вето при носењето на одлуки во Европската Унија, вклучително и за процесот на пристапување во полноправно членство во Европската Унија. Во спротивно, и понатаму ќе се губи кредибилитетот на Унијата, како и функционалноста на европските институции. За да може да продолжи Европската Унија да се развива во служба на своите граѓани како прогресивен и силен глобален чинител, потребно е да се спроведат во најкус можен рок препораките на Конференцијата за иднината на Европа, која самата ЕУ ја организираше, а која предвидува гласање со квалификувано мнозинство наместо право на вето.

Од ЛДП ги повикуваат европските лидери наместо изборен популизам да покажат визионерство и лидерство и во согласност со усвоената политика на АЛДЕ веќе на наредниот Совет без понатамошни одлагања да го одобрат приемот на Бугарија и Романија во Шенген зоната.

Воедно, го повикуваат и Европскиот Совет без понатамошни одлагања на следниот самит да ѝ доделат на Босна и Херцеговина кандидатски статус за членство во Унијата, во надеж дека во наредната година кандидатски статус ќе му биде доделен и на Косово. Само со сплотеност на континентот можеме да го изградиме заедничкиот Европски дом.

Шенген зоната на ЕУ ќе се прошири за првпат по 10 години, а новата земја членка е Хрватска, која последна влезе во Унијата во 2013 година.

„Министрите го одобрија влезот на Хрватска од 1 јануари 2023 година”, извести чешкото претседателство со Европската Унија на 08 декември 2022 година. Бугарија и Романија, кандидатките како што беше и најавувано, беа блокирани од страна на Австрија и други членки на ЕУ, кои сметаат дека двете балкански земји не се подготвени за влез во зоната без граници на ЕУ. За влез во Шенген зоната потребна е едногласна одлука на сите членки на ЕУ.

Европската комесарка за внатрешни работи, Илва Јохансон, изјави дека е разочарана од блокадата на Бугарија и Романија и рече дека очекува тие да станат членки во следните две години.  Европската комисија препорача сите три земји да станат членки на зоната, а истата препорака подоцна дојде и од Европскиот Парламент.

Австрија беше најгласна за влезот на Бугарија и Романија, а нејзиниот министер за внатрешни работи Герхард Карнер најави вето на состанокот во Брисел. Австриските власти се загрижени дека укинувањето на границите би можело да ги претвори Бугарија и Романија во сообраќајници за баратели на азил.

Слични забелешки доаѓаат и од Шведска и Холандија. И Унгарија најавуваше блокада на одлуката, на линија со политиката на премиерот Виктор Орбан да ги блокира сите одлуки на ЕУ поради запирањето на фондовите за неговата земја.

Аналитичарите предупредуваат дека одбивањето на сите три земји да станат дел од Шенген би можело да предизвика поделби во ЕУ во време кога единството и безбедноста се клучни поради руската воена агресија врз Украина.

На состанокот на Советот на АЛДЕ на 04 декември 2022 година беше усвоена резолуција за итен прием на Бугарија, Романија и Хрватска во Шенген зоната, за што гласаа и делегатите на ЛДП.

ЛДП