April 21, 2021 01:34
Балкан

Лајчак очекува договор меѓу Приштина и Белград во текот на мандатот на Курти

Посредникот на Европската унија во преговорите меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој допатува вчера во официјална посета на Косово, изјави дека дијалогот меѓу Приштина и Белград не треба да биде одговорност само на една партија во Косово, туку на сите субјекти. На заедничката прес конференција со вршителката на должноста претседател на Косово, Вјоса Османи, Лајчак изјави дека „нема пречки за да се постигне еден сеопфатен договор меѓу Косово и Србија” за време на мандатот на Албин Курти и Вјоса Османи, откако субјектот чии кандидати беа тие, Движењето Самоопределување (ВВ), победи на парламентраните избори на 14 февруари.

Тој рече дека ја поддржува програмата на Курти и Османи за отворање работни места и борба против корупцијта, но нагласи дека и дијалогот со Белград е од големо значење.

– Сметам дека што поскоро Косово и Србија бидат подготвени, толку побргу може да се заврши тој процес. Не е прашање на ЕУ, туку е меѓу Косово и Србија да одлучат колку бргу треба да го завршат тоа, дали ќе сакаат месечни средби, или седмични. Нема да бидат потребни уште многу години ако има посветеност. Мислам дека можеме да го комплетираме овој процес со сеопфатно решение во текот на мандатот на Курти и Османи. Не гледам пречки на тој пат, изјави Лајчак.

Тој нагласи дека ЕУ и САД се во партнерство и со доаѓањето претседателот Џо Бајден во Белата куќа тие односи ќе бидат уште поблиски, „во намерата да се постигне заедничата цел на Западен Балкан”.

– Членките на ЕУ и САД оекуваат продолжување на дијалогот, на еден дијалог кој ги опфаќа прашањата кои се битни за секој граѓанин. За ова разговарав со Курти и Османи, за да видиме каде сме со дијалогот. Заклучокот од овие средби е дека дијалогот ќе продолжи. Има интерни процедури, но ќе продолжи, изјави Лајчак.

Османи по средбата со словачкиот дипломат изјави дека „Косово веќе не може да прави концесии во дијалогот” и дека очекува договор со Србија за меѓусебно признавање и членство во ЕУ како конечна придобивка од процесот на дијалог.

Парламентарната спикерка и вршителка на должноста претседател на Косово рече дека му дала до знаење на Лајчак дека Косово нема да дозволи да се преговара за границите.

– Дадов јасно до знаење во името на косовските институции, а посебно на институцијата која раководи со надворешната политика, дека на процесот на дијалогот му треба едно ресетирање, едно преиспитување кое ќе му помогне на Косово да биде подготвено да ги почитува своите и интересите на своите граѓани во еден процес кој треба да резултира со меѓусебно признавање во постоечките граници, изјави Османи.

Лајчак допатува вчера во тридневна официјална посета на Косово, каде што беше пречекан од лидерот на партијата Движење Самоопределување Албин Курти, кој се очекува да биде иден косовски премиер по победата на неговата партија на парламентарните избори на 14 февруари.

Денеска тој ќе се сретне со лидерите на поголемите политички партии во Косово, а утре ќе отпатува за Белград, каде што, меѓу другото, ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

В четврток Лајчак ќе отпатува за Црна Гора, каде што в петок, на 5 март, ја завршува мини-турнејата низ трите земји на Западен Балкан.