December 9, 2021 01:50
Скопје

Лајка е првото јавно претпријатие во Европа за бездомни животни раководено од активисти за нивна заштита

Град Скопје реагира на паушалните обвинувања и наводите за нетранспарентност за работењето на ЈП Лајка, бидејќи сите законски предвидени инструменти за транспарентност на работата на ова јавно претпријатие се исполнети. Советничката Велковска ја користи својата функција за политички поени и ги оцрнува напорите на градот за обезбедување хуман третман на бездомните животни, како и одговорното сопствеништво кај граѓаните.

Град Скопје замолува личните аномозитети помеѓу активистите да бидат тргнати настрана за доброто на ЈП Лајка, но и заради доброто на бездомните животни во Скопје.

Град Скопје е првиот град во регионот и пошироко со сопствено јавно претпријатие за улични животни, раководено од активисти за нивна заштита. ЈП Лајка е многу повеќе од стационар, тоа е и место каде се пружаат различни услуги како вакцинација, чипирање, стерилизација, престојувалиште, социјализација, игралиште, посвојувалиште итн. Новиот објект на ЈП Лајка е уреден и опремен по сите светски стандарди, кој располага со 200 засебни апартмани обезбедени со подно греење, суви и чисти подови, енергетски ефикасни ѕидови, нова опремена ветеринарна амбуланта и канцелариски простор.

ЈП Лајка располага со две операциони сали, оддел за интензивна нега, тријажен дел и постоперативен простор со 20 легла, салон за нега на кучињата, СОС линија, како и специјално изградениот Парк за интеракција, преку кој кучињата кои биле жртви на траума  низ игра и забава добиваат прилика да стекнат навики за ресоцијализација. Дополнително, во рамки на стационарот функционира и едукативен центар во кој најмладите ќе можат да добијат едукација, како и прилика за вдомување на некое од кучињата.