August 10, 2020 13:07
Македонија

Ласковска: Шест полициски службенички цела година биле вознемирувани, а властите не преземале ништо да ги заштитат жртвите

Власта на Зоран Заев е нефункционална и не може да ги заштити ниту жените вработени во МВР и армијата, а не пак останатите. Неспособноста и лицемерието на власта на Заев најдобро се гледаат кога ќе се слушнат нивните изјави поврзани со борбата против насилство врз жената. Како и за се останато, Заев ветува, се колне, а не презема ништо. Се е една голема лага и измама.

Шест полициски службенички цела година биле вознемирувани, психички и сексуално малтретирани од страна на надредено лице, а властите не преземале ништо да ги заштитат жртвите.

Сексуално вознемирување и мобинг врз жена на прагот на третата декада на 21 век е недозволиво и треба да подлежи под најстроги санкции.

Нефункционалноста на власта си ги зема своите жртви. Функционерите во МВР наместо да работат вршат сексуално насилство врз своите колешки.

Зоран Заев и врвот на власта носат директна  вина за оваа случка, во која страдале нечии ќерки, сопруги и мајки. Зоран Заев и луѓето околу него го поставиле и именувале лицето кое ја злоупотребило својата положба и сексуално малтретирало подредени.

Заканувачот се заканувал со зборовите:

– Оди си сега, гледам си уплашена ама знам дека и ти сакаш и пази за ова што ти го нудам да не си кажала на никој зошто не можеш да замислиш што ќе ти направам и кој сум јас. – Ова се зборови на личност која се чувствува заштитена од власта.

Зоран Заев и врвот на власта треба да одговори, дали заканувачот е близок до еден градоначалник на една скопска општина и дали ја ужива заштитата на министерот?

Доколку да. Дали неговата блискост му овозможила да малтретира свои колешки!?

ВМРО-ДПМНЕ бара во најкраток можен рок сторителот да биде изведен пред лицето на правдата и да се соочи со соодветна казна.

Злоупотребите на позициите мора да запрат. Со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ ќе има одговорност за сите злоупотреби, сето насилство и мобинг.

Истовремено даваме силна поддршка на жените жртви на овој брутален чин да истраат во борбата против сторителот и ги повикуваме надлежните институции во најкраток можен рок да преземат мерки против сторителите. Насилство врз жените е недозволив акт во 21 век.