December 9, 2022 23:50
Спорт

Лаинер: Ја знаеме Македонија, два пати ги победивме

Австрискиот репрезентативец од германскиот бундеслигаш Ред Бул Лајпциг, Штефан Лаинер потценувачки на четири дена пред дуелот со Македонија на отворањето на групата Ц на Европското првенство, посочи дека им е полесно за подготовка со нашата селекција зашто добро ја знаат – двапати нѐ победиле.

„Селекцијата има извонреден квалитет и нормално е дека нашата цел е да ја поминеме групата. Македонија ни е прв противник и самиот факт дека двапати ја победивме и двапати игравме со нив, ни е полесно за подготовка, зашто доволно добро го знаеме противникот. Самото тоа што дојдовме во Романија ни кажува дека следи клучната фаза, па подготвени сме“, вели Лаинер.

Тој додава дека подготвителните мечеви беа шанса да се испроба нешто ново, а вистинското следува на ЕП.

„Пробавме нешто друго, тест мечевите беа да се најдеме еден со друг и сега треба само добро да анализираме, да ги најдеме алките низ тренинзите, а потоа да излеземе на терен и да одиграме најдобро што знаеме. Сега е најважното, сега се брои, а бодовите се неопходни за остварување на целта“, додава тој.