December 4, 2022 19:00
Свет

Лавров: САД го потчинуваат Западот како Хитлер што мобилизираше против СССР

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров денеска за време на говорот пред Државната дума рече дека САД го користат Западот за да ја претворат Украина во инструмент за борба против Русија, бидејќи Адолф Хитлер некогаш ги мобилизираше европските земји да го нападнат Советскиот Сојуз, пренесува ТАСС.

„САД денеска го потчинија речиси целиот колективен Запад, мобилизирајќи го да ја претвори Украина во инструмент на борбата против Русија, како што некогаш Адолф Хитлер ги мобилизираше повеќето европски земји да го нападнат СССР“ – рече Лавров.

Лавров истакна дека „исто како и тогаш, сегашните планови не се предодредени да се остварат“ и додаде дека претседателот Владимир Путин тоа јасно го кажал за време на неговиот говор во Кремљ, пренесува руската агенција.

Министерот за надворешни работи на Русија, исто така, рече дека приклучувањето на Народната република Доњецк и Луганск, како и на регионите Запорожје и Херсон кон Руската Федерација е логично продолжување на повторното обединување на руските земји што започна во 2014 година.

Руската Дума денеска ги ратификуваше договорите за присоединување на четири украински територии кон Русија.