November 27, 2020 03:15
Балкан

Лавров: Решавање на проблемите преку дијалог и во рамките на меѓународното право

Сите проблеми да се решаваат преку дијалог во рамките на меѓународното право, порача шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас. Двајцата министри за надворешни работи денеска остварија средба во грчкото МНР, а разговарале за билатералните односи, односно за политичките контакти и енергетската соработка, трговијата, инвестициите и туризмот, како и за случувањата во Источниот Медитеран, во Либија, Сирија, ситуацијата во Нагороно-Карабах, но и како што рече Дендиас „напредокот во билатералните односи на Грција со балканските земји”.

Дендиас во неговата изјава по средбата се осврна на „дестабилизирачката улога на Турција во регионот и нејзините неоотомански амбиции” и додаде дека „Турција стана туристичка агенција за џихадисти”, а ги спомена и турските активности во Источниот Медитеран.

-Јасно ставив  знаење дека Грција е спремна за сите варијанти и нема друга опција од тоа целосно да ги брани нејзиниот суверенитетот и нејзините суверени права. Истакнав дека секогаш сме посветени на конструктивен дијалог, но паралелно и дека не постои простор за дијалог под притисоци и закани, истакна Дендиас.

Шефот на руската дипломатија рече дека клучот за нормализирање на ситуацијата во Медитеранот се морското право и другите меѓународни договори, а во однос на евентуална руска иницијатива, истакна дека доколку постои такво барање, подготвени се тоа да го разгледаат.

-Во однос на Медитеран собрани се многу проблеми, оние што ги имавме со години и останаа со години, особено во јужниот дел од Медитеранот, беа додадени и нови. Длабоко веруваме дека сите овие проблеми треба да се решаваат врз основа на меѓународното право, рече Лавров.

За одлуката на Грција за проширување на територијалните води на 12 милји, Лавров истакна дека позицијата на Русија е во согласност со конвенцијата на ОН, дека тоа е право на секоја земја.

Шефот на руската дипломатија попладнево ќе се сретне и со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и со лидерот на опозициската СИРИЗА Алексис Ципрас.