December 4, 2022 19:14
Балкан

Курти: Текстот на договорот не е истиот од понеделникот

Премиерот на Косово Албин Курти тврди дека договорот што синоќа го постигнаа главните преговарачи на Белград и Приштина не е истиот договор што им беше понуден на двете страни за време на преговорите во Брисел во понеделникот.

Курти во парламентот во Приштина изјави дека не се работи за договор за регистарски таблички, туку за, како што тврди, договор за преговори за германско-француски предлог за решавање на косовското прашање.

Тој вели и дека ставот на Приштина останал ист, но дека „позицијата на шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел е променета“.

Тој објасни дека целта на Приштина е „француско-германскиот предлог за нормализација на односите со Белград да стане предмет на разговори во Брисел“.

„Синоќешниот договор не е договор за регистарски таблички. Ќе дадеме простор за преговори за предлогот на ЕУ, кој претходно беше наречен француско-германски предлог“, рече Курти.

Тој тврди дека договорот за регистарски таблички ќе остане додека не завршат преговорите за француско-германскиот предлог.

Тој додаде дека текстот на договорот постигнат синоќа „е двојно подолг од оној предложен во понеделник“.